Судења на демонстранти во Иран: Имаат 15 минути да се одбранат од смртна казна

Сподели со своите пријатели

Досега, четворица млади луѓе поврзани со националните протести што избувнаа во Иран пред четири месеци се егзекутирани, додека други 18 лица се осудени на смрт.

Групите за човекови права рекоа дека биле осудени по крајно нефер и лажни судења.

Мохамед Мехди Карами, 22-годишен шампион во карате, беше обесен на 7 јануари, само 65 дена по апсењето.

Извори за Би-Би-Си изјавиле дека имал помалку од 15 минути да се брани пред судот.

Неговата приказна покажува како властите во Иран користат шоу судења за да влеат страв кај демонстрантите кои бараат слобода и крај на свештеничкиот режим.

„Не кажувај ништо на мама“

Протестното движење започна по смртта на Махса Амини, 22-годишната девојка, која во септември беше приведена од полицијата за морал поради наводно неправилно носење на задолжителната марама.

Властите ги отфрлија протестите како „немири“ и започнаа насилно задушување.

Најмалку 481 демонстрант биле убиени од безбедносните сили, според Иран за човекови права, невладина организација со седиште во Норвешка.

Карами беше уапсен под обвинение за убиство на припадник на паравоените сили Басиџ за време на протестот во градот Карај, западно од Техеран, на 3 ноември.

Тој подоцна беше обвинет за капитално дело „корупција на Земјата“ и беше на судење пред Револуционерниот суд во Карај на 30 ноември, заедно со уште 16 лица, меѓу кои и три деца, исто така обвинети за вмешаност во убиството.

Обвинетите имаат право на правно застапување во Иран, но во чувствителните случаи како овој, или случаите на шпионажа, не смеат сами да избираат свои адвокати.

Наместо тоа, судот назначува еден од списокот одобрен од судството. На новинарите и членовите на семејствата на обвинетите исто така им е забрането да доаѓаат во судот, така што единствениот прозорец за тоа што се случува зад затворени врати е силно монтирана снимка што ја објави судството.

„Не кажувај на мама“

Во едно такво видео, Карами изгледа видно вознемирен додека „признава“ дека удрил член на Баси со камен по глава.

Неговиот адвокат по службена должност не го оспорува ова, но бара прошка од судијата. Карами потоа вели дека бил „измамен“ и седнува.

На 5 декември, Карами беше прогласен за виновен и осуден на смрт. Четворица негови сообвинети се исто така осудени на смрт, додека децата и уште осум други се осудени на долги затворски казни, соопшти иранското правосудство.

Членовите на нивното семејство обично се под притисок да молчат, но таткото на Мохамад, Машаала Карами, дал интервју за весникот Етемад.

Тој рече дека неговиот син му се јавил плачејќи на денот кога бил осуден на смрт.

„Тато, ни донесоа пресуда. Тоа е моја смртна казна. Не кажувај ништо на мама“, се присетил неговиот татко, уверувајќи го синот во невиноста.

Мачени во затвори

Подоцна, опозициската активистичка група 1500 Тасвир објави на социјалните мрежи дека Карами бил мачен.

Тој за време на посетата во затворот му кажал на своето семејство дека чуварите го претепале без свест.

Чуварите претпоставиле дека тој е мртов и го фрлиле неговото тело, но кога си заминале, сфатиле дека тој сè уште е жив, се додава.

Карами, исто така, на своето семејство му кажал дека полицајците „го допирале по гениталиите и му се заканувале дека ќе го силуваат секој ден“ за време на сослушувањето, се вели во приказната.

Според правниот систем на Иран, кога понискиот суд ќе изрече смртна казна, таа се испраќа на одобрување до Врховниот суд.

Но, дури и ако Врховниот суд ја потврди смртната казна, таа сепак може да се обжали.

Таткото на Карами изјави за Етемад дека неколку пати се обидел да стапи во контакт со државниот правобранител, но немало никаков одговор.

Семејството потоа се обиде да ангажира еден од најистакнатите ирански адвокати за човекови права, Мохамад Хосеин Агаси.

„Мохамед ми се јави три пати од затвор и ме замоли да го застапувам. Неговите родители исто така ме повикаа да го застапувам нивниот син”, рекол Агаси, додавајќи дека сите судови со кои контактирал го игнорирале.

Адвокатот заврши во затвор

Сејед Мохамад Хосеини, 39-годишен тренер волонтер, исто така беше обесен на 7 јануари, откако беше суден заедно со Карами за истото дело.

Хосеини, кој бил биполарен, можел да добие независно правно застапување откако Врховниот суд ја потврди неговата смртна казна.

Адвокатот Али Шарифзадех Ардакани успеа да го посети во затвор во декември и подоцна твитна за тоа.

„Тој плачеше цело време на посетата. Зборуваше дека бил мачен, тепан со лисици и врзани очи и дека бил клоцан во глава“, напишал Ардакани. „Тој е човек чии признанија се добиени со тортура и немаат правна важност.

Тројца од осудените се на возраст под 18 години

Властите подоцна го приведоа адвокатот поради твитот и тој моментално е излезен со кауција.

Извор изјави за Би-Би-Си дека адвокатите назначени од државата всушност дејствуваат како „испитувачи“ за време на судењата, вршејќи притисок врз обвинетите наместо да ги бранат.

Иранската организација за човекови права објави дека најмалку 109 демонстранти во моментов се изложени на ризик од егзекуција, осудени на смрт или обвинети за смртни прекршоци.

Нивната просечна возраст е 27 години, а тројца се помлади од 18 години.