Јужна Кореја и САД размислуваат за воени вежби со боева муниција

Сподели со своите пријатели

Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави размислуваат да ги организираат првите големи заеднички воени вежби за шест години следната година поради растечките воени закани на Северна Кореја, соопшти денеска Министерството за одбрана на Сеул.

Портпаролот на јужнокорејското министерство рече дека вежбите се најавени додека Сеул и Вашингтон разговараат за подготовките за 70-годишнината од нивниот сојуз следната година, објави Ројтерс.

„За да ја одбележиме оваа пригода, истражуваме различни начини да го покажеме присуството на нашата војска и застрашувачките способности на Алијансата против Северна Кореја“, рече портпаролот на брифингот.

Како што рече, комбинирана заедничка воена вежба со боева муниција може да биде една од опциите.

Вежбата ќе биде уште една заедничка демонстрација на сила што ќе продолжи по повеќегодишна пауза под администрацијата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, кој вети дека ќе ги зајакне воените способности и подготвеноста да го одврати развојот на оружјето на Северна Кореја, според британската агенција.

Северна Кореја тестираше голем број ракети оваа година, вклучително и интерконтинентални балистички ракети (ICBM) дизајнирани да го погодат копното на САД, а исто така ги заврши подготовките за својата прва нуклеарна проба од 2017 година.

На овие провокации САД и Јужна Кореја одговорија со заеднички воени вежби, потсетува Ројтерс.