Индиски и кинески војници се судрија на спорната граница на Хималаите. Тоа е прв ваков инцидент меѓу две нуклеарни азиски сили во речиси две години.
Индиското Министерство за одбрана соопшти дека војниците од двете страни претрпеле полесни повреди за време на инцидентот, кој се случи во петокот.
Спорната граница од 3.379 километри долго време беше извор на нетрпеливост меѓу Њу Делхи и Пекинг, а тензиите нагло ескалираа во јуни 2020 година кога најмалку 20 индиски и четворица кинески војници ги загубија животите во сличен судир.
Индискиот министер за одбрана Рајнат Синг вчера ги обвини војниците на Кинеската народна ослободителна армија (ПЛА) дека се обидуваат да ја преминат границата меѓу двете земји.
„Престрелката што следеше доведе до физичка пресметка во која индиската армија храбро ги спречи Кинезите да преминат на наша територија и ги принуди да се вратат на своите позиции“, рече Синг, додавајќи дека на индиската страна нема сериозни повреди.
Кина не го коментираше инцидентот
Во својата претходна изјава, индиското Министерство за одбрана рече дека двете страни „веднаш се повлекле од областа“ и дека командантите на земјата одржале состанок за да разговараат за ова прашање „во согласност со мировните механизми“, пренесува CNN.
Кинеското Министерство за надворешни работи на вчерашната прес-конференција не го потврди директно инцидентот и изјави дека таквите работи се решаваат по дипломатски пат.
„Колку што знаеме, кинеско-индиската погранична област е стабилна и двете страни одржуваат непречена комуникација за прашањата поврзани со границата преку дипломатски и воени канали“, рече портпаролот Ванг Венбин на прашањето за инцидентот.
Индија и Кина влегоа во војна за нивните погранични области во 1962 година, на крајот воспоставувајќи договор.
Сепак, двете земји не се согласуваат за точната локација на границата и често меѓусебно се обвинуваат дека ја минуваат или сакаат да ја прошират својата територија.