Синоќа во Солун избувнаа насилни протести откако полицијата застрела тинејџер Ром откако тој наводно го наполнил автомобилот на бензинска пумпа и излетал без да ја плати сметката, пишува Гардијан.
Тинејџерот бил примен во болницата во Солун со тешки повреди, по што следеле протести, а дошло и до конфликт со полицијата.
Околу 1.500 луѓе учествуваа на протестниот марш организиран од левичарски и анархистички групи во центарот на Солун во понеделникот вечерта.
Некои упаднаа во продавници и фрлаа молотови коктели кон полицијата, која одговори со солзавец и шок бомби.
Критична е состојбата на 16-годишното момче со ромско потекло.
Полицаецот (34) кој му пукал во глава е приведен и суспендиран. Против него е покрената истрага, пренесува Гардијан.
Пред тој протест, околу стотина Роми поставија барикади блокирајќи го главниот пат пред болницата каде што беше префрлено момчето.
Полицијата претходно употреби шок-бомби и солзавец за да ги растера демонстрантите.
Неколку стотици луѓе учествуваа на мирниот протестен марш во центарот на Атина поради пукањето, како и претходниот инцидент во кој Ром беше застрелан за време на полициска потера.
Демонстрантите во главниот град на Грција имаа транспарент со натпис: „Пукани се затоа што се Роми“.
Членовите на ромската заедница во Грција и активистите за човекови права често ги обвинуваат грчките власти за дискриминација на Ромите.
Неколку Роми беа убиени или повредени во последниве години за време на судирите со полицијата, бидејќи тие наводно се обиделе да избегнат апсење поради кршење на законот.