Франција расправа за забраната на борби со бикови

Сподели со своите пријатели

Француското национално собрание ќе расправа за предлогот за забрана на борби со бикови.

Loading...

Борби со бикови биле „увезени“ од Шпанија во 19 век и се исклучително популарни во делови од јужна Франција.

Борбите со бикови се заштитени со закон од 1951 година, кој дозволува одредени региони да бидат изземени од општата забрана за суровост кон животните, јавува Би-Би-Си.

Иако многумина во партијата на претседателот Емануел Макрон лично ја поддржуваат забраната, Елисејската палата избегнува да донесе одлука за забраната бидејќи смета дека таквиот потег ќе ги наруши односите меѓу градот и селата, односно меѓу Париз и другите региони.

Предлогот беше испратен на парламентарна расправа од членовите на екстремно левичарската коалиција Нупес.

Текстот на законот го подготви Ајмерик Карон, поранешен ТВ презентер и основач на партијата за правата на животните која учествуваше како дел од коалицијата Нупес.

Во преамбулата на предлогот се цитира извештајот на ветеринарната комисија дека „преку предизвикување страдања што може да се избегнат и доведуваат до убивање животни со единствена цел за забава, борбите со бикови на никаков начин не се компатибилни со почитувањето на благосостојбата на животните“.

Противниците на забраната тврдат дека се работи за традиција

Поддржувачите на забраната наведуваат анкети кои покажуваат дека повеќе од 80 отсто од Французите сакаат да престанат со борбите со бикови, кои предизвикуваат смрт на животни.

Loading...

Дури 61 отсто од Французите од градовите каде традиционално се одржуваат борби со бикови се противат на овој обичај.

Противниците тврдат дека коридата во шпански стил воопшто не е стара традиција во Франција, бидејќи била воведена дури во 1853 година за да ги задоволи желбите на Ежени де Монтиљо, сопруга на императорот Наполеон III, која била Шпанка.

Застапниците на традицијата на борење со бикови минатиот викенд протестираа во повеќе од 45 француски градови.

Противниците на забраната тврдат дека борбата со бикови е уметничка форма вкоренета во локалното општество и дека нејзината забрана би била газење на традицијата и закана за работните места.

Тие укажуваат и на „лицемерието“ на општеството кое дозволува фабричко земјоделство и масовно производство на месо, но не ја толерира идејата за јавна смрт на бикови во борба.