Американскиот Бруто домашен производ (БДП) порасна во третиот квартал, покажа најновата проценка на Министерството за трговија, што сигнализира закрепнување на водечката светска економија, поткрепено со силниот раст на извозот.
Во периодот од јули до септември, американскиот БДП порасна за 0,6 отсто во однос на претходните три месеци кога беше намален за 0,1 отсто.
Во првите три месеци од годинава бележи пад од 0,4 отсто на квартална основа. На годишна основа, БДП порасна за 1,8 отсто во третиот квартал, како и во периодот од април до јуни.
Годишната стапка, која покажува колку економијата би пораснала или паднала 12 месеци наназад доколку растела или паѓала со исто темпо во секој квартал како и во последните три месеци, во третиот квартал изнесувала 2,6 отсто.
Закрепнувањето на БДП поддржа силниот раст на извозот
Во вториот квартал, годишната стапка покажа пад на активноста за 0,6 отсто. Заедно со САД, само Јапонија и Канада сè уште ја користат годишната стапка.
Закрепнувањето на БДП во третиот квартал го поддржа силниот раст на извозот, за 11,3 отсто во однос на истиот период лани, по 7,3 отсто раст во претходните три месеци.
Растот на увозот, пак, нагло забави, од 11,2 на 7,5 отсто.
Растот на личната потрошувачка забави на 2 отсто поради високата инфлација, посилниот долар, зголемените каматни стапки и прекините во синџирите на снабдување, посочува Министерството, потсетувајќи на пустошот од ураганот Иан на крајот на септември во Флорида и Јужна Каролина.
„Таа катастрофа ги наруши нормалните потрошувачки и деловни активности и поттикна ангажирање на служби за итни случаи и активности за рехабилитација“, се вели во извештајот на Министерството.