Шарл Мишел повика на јакнење на врските на ЕУ со Централна Азија

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска го пофали зближувањето на Европската унија (ЕУ) и Централна Азија за време на официјалната посета на Казахстан, најважната економска сила во регионот каде што е спорно руското влијание.

Loading...

„ЕУ и Централна Азија стануваат поблиски и поповрзани“, рече Мишел во Астана, на конференцијата, по состанокот со претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев.

Токаев оцени дека посетата на Мишел претставува „дополнителен доказ за заемен интерес“ меѓу двете страни и додаде дека односите меѓу ЕУ и Казахстан треба да се подигнат на „ново ниво“.

Мишел повика на развој на транспортната инфраструктура, велејќи дека регионот богат со јаглеводороди би можел да биде „важен партнер“ за ЕУ, која се обидува да ја намали својата зависност од Русија откако започна нејзината инвазија на Украина во февруари.

Во текот на денот, претседателот на Европскиот совет треба да се сретне и со претседателите на петте централноазиски земји, поранешните советски републики, и тоа Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Таџикистан и Туркменистан.

„Таа средба е повеќе од едноставен политички дијалог меѓу двата региона, но претставува силен сигнал за нашата зголемена соработка и посветеност на ЕУ во тој регион“, рече Мишел.

Според него, ЕУ е водечки економски партнер на Казахстан и најголем странски инвеститор.

Посетата на Мишел доаѓа две недели по одржувањето на неколку самити во Астана на кои учествуваа Русија, но и Кина и Турција, кои имаат намера трајно да го зајакнат своето влијание во тој регион.

Loading...

Иако Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Таџикистан и Туркменистан, членки на различни економски и воени сојузи со Русија, не ја осудија војната во Украина, ниту еден од нив отворено не го поддржа Кремљ.

Астана сака да најде нови начини за извоз на својата нафта, од која три четвртини минува низ Русија, додека на почетокот на јули Токаев вети дека ќе ја зајакне енергетската соработка со ЕУ.