Здружението на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) е сериозно загрижено поради ескалацијата на насилството во Мјанмар, рече претседавачот на блокот, Камбоџа, во коментарите пред специјалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки во четврток посветен на кризата.
„Длабоко сме тажни поради зголемениот број жртви и страдањата на обичните луѓе во Мјанмар“, се вели во изјавата на претседавачот, во која се повикува на воздржаност, итен прекин на борбите и продолжување на дијалогот од сите страни.
На генералите на Мјанмар им беше забрането да учествуваат на состаноците на високо ниво на АСЕАН од минатата година, кога војската ја собори избраната влада на Аунг Сан Су Чи, ја затвори неа и илјадници активисти и започна смртоносен одговор што предизвика вооружен отпор.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Камбоџа изјави дека Мјанмар нема да учествува на состанокот в четврток во Секретаријатот на АСЕАН во Џакарта.
Целта на состанокот е да се извлечат препораки како да се поттикне мировниот процес пред самитот на АСЕАН следниот месец.
Претседателот на АСЕАН како пример за неодамнешно насилство ги наведе бомбардирањето на најголемиот затвор во Мјанмар, конфликтот во државата Карен и воздушниот напад во државата Качин во неделата, во кој загинаа најмалку 50 луѓе, според локалните медиуми.
Конфликтот не само што ја влоши хуманитарната ситуација, туку и ги поткопа напорите за спроведување на мировниот план договорен од АСЕАН и хунтата минатата година, се вели во соопштението.
АСЕАН ги предводи меѓународните мировни напори, но хунтата направи малку за да ги исполни своите обврски според „консензусот“ на АСЕАН, кој вклучува итен прекин на насилството и почеток на дијалогот за мировен договор.
Хунтата вели дека се обидува да воспостави ред преку борба против „терористите“ со кои нема да води дијалог.
АСЕАН ги покани неполитичките претставници на Мјанмар на состанок во четврток, но воената влада досега не ја прифати понудата, рече индонезискиот министер за надворешни работи Ретно Марсуди.
Таа, исто така, изјави за Џакарта пост дека состанокот не бил облик на мешање, туку „одраз на загриженоста на АСЕАН за една од нејзините членови“.
АСЕАН има долготрајна политика на немешање во суверените работи на нејзините членки, но некои земји го повикаа блокот да преземе похрабра акција против хунтата.
Министерот за надворешни работи на Малезија рече дека АСЕАН мора „сериозно да го разгледа“ планот и „дали треба да се замени со нешто подобро“.
Саифудин Абдула, исто така, се состана со својот колега од владата на национално единство во Мјанмар, администрација во сенка забранета од хунтата.
„Министрите ќе треба да одлучат што да прават со планот од пет точки, дали да го остават како што е и да се надеваат на најдоброто или да додадат построги мерки“, рече Кин Зав Вин од Институтот Тампадип, независен тинк-тенк во Мјанмар.