Повеќе од 50 француски државјани, главно жени и деца, се вратени во земјата од курдските кампови во североисточна Сирија во последната операција за репатријација.
Вратени се 40 деца и 15 жени, соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја.
Децата се предадени на службите за заштита на децата и ќе бидат под медицински и социјален надзор, додека жените ќе бидат предадени на правосудните органи, пренесува Ројтерс.
„Франција им се заблагодарува на локалните власти за соработката што ја овозможи оваа операција“, додаваат од Министерството.
Во септември, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Франција мора да ги разгледа барањата за репатријација на две Французинки кои отпатувале во Сирија со нивните партнери за да се приклучат на Исламската држава.
Имаше барања и за деца кои се родени таму.
Организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ наведува дека повеќе од 40.000 странски државјани, главно Ирачани, сѐ уште се во камповите.