Бројот на сиви китови на брегот на Тихиот Океан во Северна Америка е намален за речиси 40 отсто од 2016 година, кога тие беа најмногу, а оваа година бројот на младенчиња беше најмал досега, покажува американска студија објавена во петокот.
Бројот на китови во 2016 година бил 27.000, додека годинава се изброени 16.650.
Падот на популацијата од 38 проценти е сличен на претходно забележаните флуктуации, но бара поблиско набљудување, се вели во извештајот на американската Национална океанска и атмосферска администрација (NOAA).
„Со оглед на континуираниот пад на бројките од 2016 година, треба внимателно да ја следиме популацијата за да разбереме што го поттикнува овој тренд“, рече Дејвид Велер, директор на Одделот за цицачи и желки на NOAA.
Истражувачите на NOAA рекоа дека најновиот пад најверојатно се должи, меѓу другото, поради еколошки нарушувања кои го префрлија изворот на храна на китовите на малите ракови и другите безрбетници што ги ловат на Арктикот.
Поради невообичаеното зголемување на насукањето на сиви китови на западниот брег на САД, од Мексико до Алјаска, НОАА откри дека приближно 600 китови пронајдени мртви на плажите од 2019 година биле неухранети, но некои умреле и при судири на бродови или напади на китови убијци.
Вкупниот пад на популацијата се совпаѓа со намалената репродукција, открија истражувачите. Според последното пребројување овој мај, имало приближно 217 младенчиња, што е помалку од 383 регистрирани минатата година и најмалку откако почнале да се бројат во 1994 година, соопшти НОАА.
Сивите китови се едни од најголемите животни на земјата, со тежина до 41 тон и должина до 15 метри.
Тие мигрираат приближно 16.000 километри годишно помеѓу Арктикот, каде што се хранат, и мексиканскиот брег, каде што се размножуваат.
Комерцијалното ловење китови во еден момент речиси ги доведе сивите китови на работ на истребување, но тие повторно ја изградија својата популација и беа отстранети од списокот на загрозени видови во 1994 година.