Би-Би-Си денеска објави дека конкурсот за домаќин на 67. Избор за песна на Евровизија, кој ќе се одржи во 2023 година, влегува во завршна фаза и потврди дека Глазгов и Ливерпул остануваат во игра за домаќини.
Би-Би-Си ова го објави по деталната проценка што ја прави од 12 август, кога беше објавено дека Бирмингем, Глазгов, Лидс, Ливерпул, Манчестер, Њукасл и Шефилд се најдоа во потесниот избор за домаќини на натпреварот, пренесува Ројтерс.
Конечната одлука ќе биде донесена за неколку недели по разговорите со претставниците на Глазгов и Ливерпул.
Фил Харолд, претседател на комисијата за избор на градови домаќини под мандат на БиБиСи, им се заблагодари на градовите кандидати што го покажаа ентузијазмот и страста за Евровизија што постои низ Британија.
„Бевме неверојатно импресионирани од квалитетот и креативноста на сите понуди на градот“, рече Харолд.
Тој додаде дека Изборот за песна на Евровизија е многу сложен настан и Ливерпул и Глазгов имаат најсилна севкупна понуда.
„Ние сме решени дека Изборот за песна на Евровизија 2023 година ќе ја одрази победничката позиција на Украина, но и ќе биде настан на кој може да учествува цела Велика Британија“, вели Харолд.
Ројтерс потсетува дека Британија е домаќин на Евровизија 2023 година во име на Украина, која годинава победи на натпреварот.
Конечната одлука за градот домаќин на Евровизија 2023 година ја носи Би-Би-Си во соработка со Европската радиодифузна унија (ЕБУ).