Последниве недели особено станаа актуелни новите поскапувања на храната, а меѓу нив и на млечните проиводи. Цените постојано се корегираат, а во моментов, додека се пишуваат овие редови ги користиме податоците од онлајн трговијата Пакет.мк.
Цената на трајното млеко „Бимилк“ со масленост 3,2% е 69 денари за литар, 400 грама кисело млеко „Бучен Козјак“ е 35 денари, павлака 700 грама „Бимилк“ е 119 денари, кравјото сирење на „Бучен Козјак“ е 364 денари за еден килограм, мешано сирење на „Кораб Трница“ е 457 денари за килограм, кравји кашкавал на „Идеал Шипка“ е 572 денари…
Минатата есен цената на струјата нагло се зголеми, со што бизнис плановите на сите компании паднаа во вода. Дополнително, веќе на големо имаше раст на цените на суровините и на сточната храна на берзите.
Компаниите од млечната индустрија, во вакви услови, ги зголемуваа цените, а Владата на 4.12.2021 година донесе одлука за замрзнување на цените на ниво од 1 декември, на дел од производите меѓу кои и на трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, сирење и урда. Одлуката важеше до 1 март 2022 година, кога место замрзнати цени почна да се применува ограничена маржа.
На 1 јуни се укина и замрзнувањето на маржите, за да по кус период од 2 недели пак се водведе змарнување, но со измени за ставки и проценти, кои се уште се во сила.
Во однос на млечни продукти, сега има маржа само за млеко, а не и за сирње и за урда. Имено, според одлуката од 14 јуни годинава, за трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.
Порталот „Пари“ врз основа на податоците од платформата БизнисМрежа.мк го анализираше работењето на компаниите од млечната индустрија.
Заклучокот е дека оние што имале добивки во 2021 година, направиле помал профит отколку во 2020 година.
Вакви компании се: млекара „Битола“, „Трница“, „Бучен Козјак“, „Лакталис МК“, „Хит 73“ и „Екошар“ од Тетово. Фабриката за млечни производи „Осогово“ која во 2020 година била во плус, во 2021 година влегла во минус. „Евро млекара“(Суташ) е во дебел минус, сличен на оној од претходната година, а минус, но значително помал од минусот во 2020 година, покажало финасиското работење на „Здравје Радово“ за 2021 година.
Во овие 6 компании од млечната индустрија, лани е реализиран промет од 72,4 милиони евра, а нивната вкупна добивка била 3,3 милиони евра.
Од податоците може да се види дека најголема по приход и по добивка е млекара „Битола“. Таа лани направила промет 39,8 милиони евра и од него реалзирала профит од 2,4 милиони евра. Ова значи дека уделот на профитот во вкупниот приход е 6 проценти, или толку пари купувачите издвоиле со секоја набавка за добивката на компанијата.
Добивките на „Трница“, „Бучен Козјак“, „Лакталис“, „Хит 73“се мерат во стотици илјади евра, а „Екошар“ кој имал и најголем пад на добивката, во 2021 година бил во плус од 44.000 евра. Инаку, Лакталис МК ДООЕЛ е дел од Групацијата Лакталис со седиште во Лавал, Франција. „Лакталис МК“ во своето производно портфолио ги има производите под брендовите Алпско, Президент , Идеал Шипка и Дукат.
Компаниите „Здравје Радово“, „Евро млекара“ и „Осогово милк“ заедно направиле промет од 18 милиони евра. Но, и покрај толкава продажба, тие минатата година ја завршиле со минус. Притоа, како што може да се види од податоците, „Евро млекара“ и „Здравје“ и претходната година биле во минус, но ланската година минусот бил помал.
„Евро млекара“ (Суташ) лани завршила со дебел минус од 2,7 милиони евра, речиси ист како во 2020 година, но сепак помал за 0,13%. Овој минус бил релаизиран при значителен раст на приходите, од 21%.
Кога би се наредиле компаниите по приход, со реализиран промет од 8 милиони евра, „Здравје Радово“ се наоѓа на третото место, но компанијата минатата година ја завршила со загуба од 892.000 евра. Добрата вест, е што таа загуба е за 40,3 проценти помала од онаа во 2020 година, при намалување на приходи од 1,6 проценти.
„Осогово милк“ лани реализирал приходи од 3,6 милиони евра, тие биле за 13,8% помали отколку во 2020 година и компанијата лани остварила минус од 73.500 евра, додека во 2020 година имала добивка од 48.000 евра.
Целата анализа е достапа ТУКА