Тројца сириски војници загинаа, а тројца се повредени во израелски напад во близина на сириската крајбрежна провинција Тартус, до која ѝ приоѓаат бродови со украински житарки, јавија синоќа сириските државни медиуми, повикувајќи се на армијата.
Извештаите покажуваат дека сириските противвоздушни батерии погодиле „непријателски цели“ на небото над Тартус и над планината Каламун во близина на границата со Либан, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Државните медиуми јавуваат дека нападот го извршиле „израелски авиони кои дошле од либанска територија“.
Медиумите објавија дека се слушнале експлозии кога израелски воени авиони нападнале цели во близина на градот Тартус.
Соборени се некои проектили
Во соопштението на сириската армија се наведува дека Израел извршил два истовремени напади, едниот во близина на главниот град Дамаск од правец на либанската престолнина Бејрут, а другиот од морето врз цели јужно од Тартус.
Се додава дека противвоздушната одбрана соборила дел од проектилите, но дека е причинета „одредена материјална штета“.
Новинската агенција САНА наведува дека пожарите предизвикани од нападите се под контрола, без да прецизира каде започнале.
Израелската војска одби да ги коментира извештаите.
Со години, израелските вооружени сили извршуваат напади врз „цели во Сирија поддржани од Иран“ и на позиции каде Техеран ги распореди своите сили, кои го поддржуваат претседателот Башар ал Асад од почетокот на сириската војна во 2011 година.