Британскиот министер за одбрана Бен Валас ја поддржа Лиз Трас во трката за британски премиер, како ново засилување на министерот за надворешни работи кој е фаворит во битката за нов премиер со нејзиниот ривал Риши Сунак.
Трас е „автентична“ и „директна“ и може да ја заврши работата уште од првиот ден, рече Валас, кој важи за еден од најпопуларните членови на партијата и беше меѓу првите фаворити за наследник на Борис Џонсон пред самиот да се откаже од трката.
– Со неа седев во владата, на билатерални средби и меѓународни самити. Таа има свои позиции. Таа пред се е директна и го мисли тоа што го кажува – пишува тој во весникот Тајмс.
Трас се бори да стане нов британски премиер против поранешниот министер за финансии Сунак во лидерската трка обележана со судири околу даноците и трошоците.
Таа води во анкетите меѓу членовите на Конзервативната партија, кои на крајот ќе го одлучат победникот по неколкунеделно гласање до 5 септември, пренесува Ројтерс.