Седум лица, главно земјоделци, загинаа од гром во село во северната индиска држава Утар Прадеш, соопшти денеска локалната полиција, со што вкупниот број на загинати од гром во Утар Прадеш оваа недела се искачи на 49.
Земјоделците се криеле под дрвјата за време на монсунските дождови кога биле погодени од гром и веднаш починале, пренесе АП.
Меѓу жртвите има четворица членови на едно семејство, како и сточари од градот Каушамби, изјави претставник на локалната полиција.
Високиот број на жртви од гром ја поттикна владата да издаде нови упатства за тоа како да се заштитат луѓето за време на бурата, изјави портпаролот на владата на Утар Прадеш.
„Луѓето умираат повеќе од гром отколку од железнички несреќи, иако ова е време кога луѓето најчесто умираат од поплави или други инциденти кои вклучуваат обилни врнежи“, рече портпаролот.
Утар Прадеш има околу 204 милиони жители.
Сезоната на монсуните во Индија трае од јуни до септември.
Полковникот Санџај Сривастава, кој работи со индиската метеоролошка служба, рече дека речиси 750 луѓе ширум Индија загинале во удари од гром, вклучително и 20 мртви во источната држава Бихар од пред два дена.