Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска најави 100 милиони долари американска помош за болниците во источен Ерусалим, кои се столбот на здравствената заштита за Палестинците.
Оваа помош ја најави при посетата на болницата „Аугуста Викторија“, која меѓу другото обезбедува зрачење за болните од рак и педијатриска дијализа на бубрези на Палестинците од Западниот Брег и од Појасот Газа.
Помошта што ја вети Бајден ќе треба да биде одобрена од американскиот Конгрес и ќе биде исплатена во рок од неколку години.
Помошта беше објавена бидејќи администрацијата на претходникот на Бајден, Доналд Трамп, им одби 35 милиони долари на Палестинците за болници во 2018 година, како дел од пошироката суспензија на помошта.
Бајден врати голем дел од таа помош откако стана претседател, но не успеа да придонесе за обновување на израелско-палестинскиот мировен процес, кој е во застој повеќе од една деценија.
Докторот Фади Аташ, директор на болницата, ја нарече посетата на Бајден „храбра изјава за поддршка на палестинскиот народ“.
Бајден денеска ќе се сретне со палестинските лидери во Витлеем на окупираниот Западен Брег.
Израел го освои Источен Ерусалим со Западниот Брег и Појасот Газа во војната во 1967 година. Палестинците сакаат да основаат независна држава на сите овие територии.
Источен Ерусалим е дом на шест болници кои го симболизираат палестинското присуство во градот, но во последниве години се соочија со финансиска криза бидејќи на палестинската управа им недостигаат пари за да обезбеди повисоко ниво на здравствена заштита за Палестинците.
Болницата „Аугуста Викторија“ со која управува Лутеранската светска федерација ја заврши минатата година со огромен долг кон палестинската управа од над 70 милиони долари.
Пред посетата на Бајден, повеќе од 20 палестински демонстранти се собраа во Источен Ерусалим.
Немаше израелски функционери кои го придружуваа Бајден за време на неговата посета на болницата, врз основа на барањата на американската страна, објавија израелските медиуми.
Демонстрантите носеа палестински знамиња и постери на Ширин Абу Аклех, палестинска новинарка со американско државјанство, која беше убиена во мај додека известуваше за израелска рација на Западниот Брег.