Демонстрантите во Шри Ланка денеска најавија дека ќе ги напуштат државните згради кои ги нападнаа и каде престојуваат веќе неколку дена.
„Мирно се повлекуваме од претседателската палата, од претседателскиот кабинет и од кабинетот на премиерот. Одлуката ќе стапи во сила веднаш, но ќе ја продолжиме борбата“, изјави портпаролката на демонстрантите.
Припадници на армијата денеска беа распоредени околу зградата на парламентот за да спречат нов упад на демонстрантите.
Претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса побегна од земјата синоќа, само неколку часа пред да поднесе оставка поради катастрофалната економска криза што предизвика сериозен недостиг на храна и гориво.
Раџапакса се согласи да поднесе оставка под притисок.
Премиерот Ранил Викремесинге изјави дека ќе се повлече откако ќе се формира нова влада.
Заминувањето на претседателот уследи по повеќемесечните демонстрации кои кулминираа во саботата кога демонстрантите упаднаа во неговиот дом, канцеларија и официјалната резиденција на неговиот премиер.
Шри Ланка е погодена од сериозен недостиг на основни потреби, од храна, гориво, лекови и гас до тоалетна хартија и кибрит.
На крајот на јуни, премиерот изјави дека економијата на земјата „целосно пропаднала“.