Белорускиот суд ја осуди новинарката Катерина Бахвалова на осум години и три месеци затвор за „предавство“, во судскиот процес што се одржа зад затворени врати, објави државната агенција Белта, пренесува Бета.
Претходно опозицискиот медиум Белсат за кој работеше пред апсењето објави дека е осудена на осум години затвор.
Таа веќе издржуваше двегодишна затворска казна поврзана со друг случај.
Нејзиното судење се одржа зад затворени врати во јужниот град Гомел. Не протекоа информации за содржината на обвиненијата за предавство.
Нејзиниот адвокат морал да потпише договор за необјавување со кој го спречува дури и да дава информации на нејзините роднини.
И агенцијата Белта немаше детали за што се товари новинарката.
Членот од кривичниот законик врз основа на кој ѝ се судеше, казнува пренесување на државни тајни на странски актери, шпионажа и соработка со странски субјекти со намера да се наштети на безбедноста на Белорусија.
Дваесет и осумгодишната новинарка во својата работа го користела псевдонимот Катерина Андрејева.
Таа беше приведена во средината на ноември 2020 година во средината на големото протестно движење во Белорусија против реизборот на претседателот Александар Лукашенко, што се сметаше за измама.
Апсења и обвиненија
Полицијата ја уапси во Минск додека снимаше собир во чест на уметникот Роман Бондаренко, кој почина три дена претходно додека го апсеа припадници на безбедносните сили.
Таа беше обвинета за организирање немири, а потоа беше осудена во февруари 2021 година на две години затвор со една од нејзините колешки, новинарката Дарија Чулцова.
Тие работеа за Белсат, медиум со седиште во соседна Полска. Тој опозициски медиум беше прогласен за „екстремистички“ од белорускиот суд во јули 2021 година.
Директорката на Амнести интернешнал за Европа и Централна Азија, Марија Страдерс, го осуди „лажниот“ и „политичкиот“ процес и „уште една страшна и неправедна пресуда“ против „храбриот“ новинар.
„Катарена Андрејева и другите критичари на белоруските власти кои се во затвор само затоа што мирно го искористиле правото на слобода на изразување треба веднаш да бидат ослободени“, додаде таа.
Властите на Александар Лукашенко, кој е на чело на земјата од 1994 година и е поддржан од Кремљ, го задушуваат протестното движење од 2020 година и осудиле десетици опозициски активисти и новинари на тешки затворски казни.
Според невладината организација Весна, која исто така е прогонувана, во Белорусија во затвор во моментов од политички причини се наоѓаат 1.244 лица.