Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе ја оствари својата прва посета на Блискиот Исток, со цел да ги увери официјалните лица на Израел и Саудиска Арабија дека ќе се обиде да го спречи Иран да добие нуклеарно оружје.
Посетата на Бајден започнува во Израел околу 15:30 часот по локално време (14:30 часот по средноевропско време), кога се очекува претседателскиот авион да слета на меѓународниот аеродром Бен Гурион во близина на Тел Авив.
Бајден ќе биде пречекан од израелскиот претседател Исак Херцог и премиерот Јаир Лапид.
Израелските власти најавија дека нуклеарната програма на Иран ќе биде во фокусот на нивните разговори со американскиот претседател.
Бајден има намера да го оживее нуклеарниот договор со Иран, постигнат со посредство на Барак Обама во 2015 година и напуштен од Доналд Трамп три години подоцна, што Израел го поздрави бидејќи силно се спротивстави на документот.
Индиректните преговори за повторно влегување во договорот сега се во застој, а Иран успешно ја развива својата нуклеарна програма.
На почетокот на посетата на Израел на Бајден се очекува да му биде врачен новиот израелски противракетен одбранбен систем Железен зрак и да го посети Меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим.
Тој ќе се сретне одделно прво со израелски, а потоа во петок на Западниот Брег со палестински претставници, пред да отпатува од Тел Авив директно во Џеда во Саудиска Арабија.
На Бајден ќе му биде доделен Претседателскиот медал на честа на Израел и ќе ги посети американските спортисти кои учествуваат на Макабија, еврејската Олимпијада, со илјадници еврејски и израелски спортисти ширум светот.
Во пресрет на посетата на Бајден, израелските власти најавија дека САД и Израел ќе ја објават „Ерусалимската декларација“ и ќе заземат цврст став против иранската нуклеарна програма.
Декларацијата ќе ги обврзе двете земји да ги искористат „сите елементи на нивната национална моќ против иранската нуклеарна закана“, изјави неименуван израелски претставник.
Саудијците, како и Израелците, се незадоволни бидејќи Белата куќа продолжува со напорите да го обнови нуклеарниот договор со Техеран.
Бајден во петок во саудиското пристаниште Џеда ќе се сретне со саудискиот крал Салман и со принцот престолонаследник Мохамед бин Салман и ќе присуствува на состанокот на Советот за соработка во Персискиот залив (GCC), каде на дневен ред ќе биде и иранската нуклеарна програма.
Посетата на Бајден на Блискиот Исток беше засенет од затегнатите односи со саудискиот престолонаследник, кои станаа уште позатегнати по објавувањето на извештајот на американските разузнавачки служби минатата година во кој се вели дека Бин Салман веројатно го одобрил убиството на новинарот Џамал Кашоги во 2018 година.
Бајден ќе пристигне во Саудиска Арабија, земја која е една од најголемите производители на нафта, во време кога цените на горивото и храната растат ширум светот делумно поради руската инвазија на Украина.
Претставници на Белата куќа и аналитичари велат дека има малку очекувања дека Саудијците или членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ќе ја олеснат таквата ситуација.
Бајден треба да ја претстави визијата на неговата администрација за Блискиот Исток во Џеда, објави Белата куќа.
Собирот на GCC ќе му овозможи да им се обрати не само на Саудијците таму, туку и на лидерите на Бахреин, Кувајт, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати, како и на Египет, Ирак и Јордан, кои не се членови на Советот.
Израелските власти се надеваат дека посетата на Бајден може да претставува пресвртница во бавниот пат кон нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, помалку од две години по потпишувањето на Аврамскиот договор за воспоставување официјални врски меѓу еврејската држава и ОАЕ и Бахреин, благодарение на американско посредување за време на мандатот на Трамп.