Во рамки на превентивната кампања „Безбедно лето 2022“ викендов беше организирана сообраќајна поука и делење летоци со едукативна содржина на учесници во сообраќајот кои при контрола не носоле кацига.
Настанот беше во организација на Отсекит за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово, а во соработка со мото – клубот „Мечки“.
– Сообраќајната поука, по претходно спроведени контроли и констатирани прекршоци од сообраќајната полиција, ја одржаа членови на мотоклубот „Мечки“ и во разговор со учесниците во сообраќајот заедно со полицијата поделија летоци со мотото „Носи кацига, вози одговорно“, велат од кумановската полиција.
Покрај ова, од страна на мотоклубот „Мечки“ на Отсекот за превенција при СВР Куманово врачена е благодарница за досегашната соработка.
– Од спроведените активности до пошироката јавност е упатена порака да се подигне нивото на сообраќајната култура на живеење, бидејќи безбедноста зависи од сите нас. Силата и моќта е во почитување на законите, но и да се влијае на останатите да ги почитуваат, стои во соопштението на СВР Куманово.
Никола Ивановски