Најмалку 16 луѓе ги загубија животите, а десетици се повредени во поплавите предизвикани од неочекуваните дождови што ги зафатија нивните импровизирани кампови за време на годишниот хиндуски аџилак во близина на храмот на пештерата Амарнат во индиски Кашмир, соопштија денеска индиските власти.
Работниците на итната помош спасија илјадници аџии, а властите го прекинаа аџилакот на два дена бидејќи дождот не престануваше, пренесува АП.
Спасувачките тимови ги пребаруваа лизгавите планински патеки и користеа кучиња трагачи и радари за лоцирање на десетици исчезнати лица во лоши временски услови, додека цивилни и воени хеликоптери ги евакуираа повредените во болниците.
Официјални лица објавија дека околу 15.000 аџии биле преместени на побезбедни локации и дека најмалку половина од повредените добиле прва помош, според АП.
Аџилакот Амарнат започна на 30 јуни оваа година и десетици илјади приврзаници веќе го посетија пештерското светилиште каде што Хиндусите го обожаваат Лингам, природно формиран леден сталагмит, како инкарнација на Шива, божицата на уништувањето и регенерацијата, а оваа година официјални лица очекуваат речиси милион посетители по двегодишни паузи поради пандемијата на корона вирусот.
Сместена на 4.115 метри надморска височина, пештерата е покриена со снег во поголемиот дел од годината, освен во краткиот летен период кога е отворена за аџии, од кои стотици загинаа во минатото поради исцрпеност и изложеност на суровите временски услови додека патуваa низ ледените планини.
Повеќе од 250 луѓе загинаа во снежната бура во 1996 година.
Аџилакот завршува на 11 август, ноќта на полна месечина за која Хиндусите велат дека го одбележува сеќавањето на Шива, откривајќи ја тајната на создавањето на универзумот, според АП.