Мисијата на Обединетите нации во Либија денеска соопшти дека „веројатно има масовни гробници“ кои допрва треба да се истражат, дека може да има до 100 такви, во градот каде што се откриени стотици тела.
Во исто време апелира до Триполи да ја продолжи потрагата.
Извештајот, кој ќе биде доставен оваа недела до Високиот комесаријат за човекови права на ОН, детализира како милицијата, предводена од седумте браќа, егзекутирала и затворила стотици луѓе меѓу 2016 и 2020 година, понекогаш држејќи ги во мали објекти слични на рерна, наречени „кутии“, кои биле палени за време на сослушувањето, објави Ројтерс.
Доказите на независната комисија за киднапирања, убиства и тортура се еден од „најеклатантните“ примери за прекршување на човековите права во турбулентниот период по соборувањето на Моамер Гадафи во 2011 година.
Меѓу жртвите има и инвалиди, како и жени и деца, според извештајот на 51 страница.
Врз основа на сведочењето и двете посети на Либија, мисијата оцени дека има „разумни основи“ да се каже дека милицијата Канијат извршила злосторства против човештвото.
Идентификувани се четворица команданти кои директно учествувале во злосторствата.
Либиските власти веќе пронајдоа 247 тела во масовни и индивидуални гробници во областа Тархун во западна Либија, многумина сè уште со лисици и врзани очи.