Италија е погодена од најтешката суша во последните 70 години, а реките во таа земја полека пресушуваат, а од јануари до мај годинава паднал половина дожд од просекот за тој период во последните 30 години.
Најтешко е погоден северниот регион, а нивото на реката По драстично е намалено, така што во коритото има 80 отсто помалку вода, пренесуваат италијанските медиуми.
Земјоделството е во алармантна ситуација, бидејќи приносите се драстично загрозени од сушата.
Меѓу најтешко погодените се регионите Емилија Ромања и Ломбардија, каде е прогласена вонредна состојба, а многу региони се се поблиску до воведување на таа мерка.
„Ваков вид на криза не е забележан во историјата на регионот Ломбардија“, изјави високиот локален функционер Атилио Фонтана.
Многу јавни чешми се затворени, во Милано веќе сите, а се воведуваат и забрани за полевање зеленчук и цвеќиња во градините од водоводниот систем.
Скудните врнежи сепак не се единствената причина за се позагрижувачкото сценарио, објаснува Меучо Берсели одговорен за управување со водите.
„Станува збор за нешто што би можеле да го наречеме „совршена бура“ – имено, оваа зима количината на снег беше за 70 отсто помала од просечната, проследена со четири месеци без дожд и температури за 3 до 4 степени повисоки од просекот за овој период годината. објаснува Берсели.
Состојбата дополнително ја влошуваат шумските пожари, а нивниот број е зголемен за шест пати во однос на периодот пред две години.