Демонстрантите ја запалија зградата на либискиот парламент

Сподели со своите пријатели

Демонстрантите ја запалија зградата на либискиот парламент во источниот град Тобрук, протестирајќи против влошувањето на условите за живот и политичкиот ќорсокак, пренесе АФП, повикувајќи се на либиски медиуми.

Loading...

Неколку телевизиски станици објавија дека демонстрантите „вчера успеале да влезат во зградата и извршиле вандализам“ и покажале слики од густи обрачи црн чад додека демонстрантите палеле гуми.

Се наведува дека изгорел дел од зградата. Парламентот беше празен, бидејќи петок е неработен ден во Либија.

Во Либија демонстрациите траат со месеци поради влошените услови за живот и политичката криза, потсетува Радио Слободна Европа.

Либискиот парламент е формиран во Тобрук, стотици километри источно од главниот град Триполи, по расколот меѓу силите кои ги контролираат источниот и западниот дел на земјата од 2014 година.

Второто, ривалско тело, официјално познато како Висок државен совет, е со седиште во Триполи.

Северноафриканската земја богата со нафта беше уништена од конфликтите кои започнаа во 2011 година, кога долгогодишниот лидер Моамер ел-Гадафи беше соборен и убиен за време на бунт поддржан од НАТО, потсетува агенцијата АП.

Денес, земјата е клучна почетна точка за илјадници мигранти кои патуваат во Европа, а некогаш имаше еден од највисоките животни стандарди во Африка, со бесплатно здравство и бесплатно образование, потсетува Би-Би-Си.

Loading...