Војната во Украина го поттикна шверцот на луѓе, кои на мигрантите од земји чии граѓани немаат шанси за азил во Австрија им кажуваат дека границите во Европа се отворени поради војната, поради што во моментов има голем број постојки за мигранти од Индија, Пакистан, Алжир, Тунис или Мароко, истакнува министерот за внатрешни работи на Австрија Герхард Карнер.
Минатата година биле откриени 41.612 илегални мигранти, што е трета најголема бројка во изминатите 10 години, се наведува во извештајот на Министерството за внатрешни работи на Австрија за борбата против трговците со луѓе.
Бројот беше поголем само за време на мигрантскиот бран за време на војната во Сирија во 2015 и 2016 година.
Бројката во првите пет месеци од годинава укажува на натамошен раст, подвлече министерот, не сакајќи да навлегува во прогнози.
– Минатата година ја одбележа пандемија, што им ја отежна работата на шверцерите. Но, и покрај тоа, забележано е јасно зголемување на апсењето на шверцери. 2020 година ја одбележа и пандемија, кога беа уапсени 311 шверцери, а лани тој број изнесуваше 441, што е највисока во изминатите пет години – објасни тој.
Во првите пет месеци од годинава беа уапсени над 200 лица осомничени за трговија со луѓе. Карнер рече дека шверцерите правеле „агресивен, брутален маркетинг“ со мигрантите од земји од кои немале шанси за азил. Оваа година веќе се поднесени околу 3.200 барања за азил од индиски, турски и туниски државјани.
– Мора да имаме функционален и кредибилен систем за азил. Тоа е важно за да можеме да застанеме на патот на злоупотребата на шверцерите – рече Карнер.