Официјален Киев призна дека има потешкотии во борбите во источна Украина откако руските сили ја окупираа територијата долж фронтот во тој дел од земјата и го зголемија притисокот врз два клучни града, објави Ројтерс.
Гувернерот на украинската област Луганск, Серхиј Гајдаи, каде се случуваат најсилните руски напади во последните недели, изјави дека ситуацијата од понеделникот вечерта е „исклучително тешка“ на целата линија на фронтот.
– Руската армија концентрираше доволно количество резерви за да започне офанзива од големи размери – изјави Гајдаи на украинската телевизија.
Тој наведе дека руските сили контролираат дел од градот Северодонецк, освен хемиската фабрика Азот, каде со недели се кријат стотици цивили, а под постојано гранатирање е и патот што ги поврзува Северодоnецк и соседниот Лисичанск со градот Бахмут.
– Лисичанск цел ден е под силно руско гранатирање. Засега е невозможно да се утврди бројот на жртвите – објави украинскиот гувернер и нагласи дека гранатирањето е можеби најтешкото што го доживеал градот досега.
Родион Мирошник, амбасадорот на самопрогласената Луганска народна република во Русија, изјави дека нејзините сили „се префрлаат од југ кон Лисичанск“, со жестоки судири што избувнаа во бројни околни градови.
„Следните часови треба да донесат значителни промени во односот на силите во таа област“, рече тој во телеграмата.
Во неделата, во неговото ноќно видео обраќање до нацијата, украинскиот претседател Владимир Зеленски истакна дека може да се очекува дека руските напади ќе се интензивираат оваа недела, пред одлуката на ЕУ да и додели кандидатски статус на Украина на самитот во четврток и петок.
Војната влезе во брутална фаза на исцрпеност во последниве недели, при што руските сили ги концентрираа дејствата на нивната артилерија на џебот на Донбас контролиран од Украина, според Ројтерс.