УНИЦЕФ: Во светот има над 36 милиони деца во егзил

Сподели со своите пријатели

Повеќе деца од кога било по Втората светска војна биле во бегство од конфликти, насилство и други кризи ширум светот кон крајот на 2021 година, објави во петокот во Њујорк агенцијата на ОН за деца УНИЦЕФ.

Loading...

Според УНИЦЕФ, околу 36,5 милиони деца биле принудени да ги напуштат своите домови, од кои речиси 22,8 милиони се раселени поради конфликти и насилство.

Бројките претставуваат зголемување од 2,2 милиони деца бегалци ширум светот од 2020 година.

Рекордот е директен резултат на конфликти како оние во Авганистан и Јемен, според УНИЦЕФ.

Агенцијата на ОН за деца забележува дека уште 7,3 милиони деца останале без покрив над главата во 2021 година поради природни катастрофи.

УНИЦЕФ ги повикува владите ширум светот да ја засилат заштитата на бегалците, мигрантите и децата.

Бидејќи бројките датираат од крајот на 2021 година, тие не ги вклучуваат украинските деца кои останале без покрив над главата или биле принудени да избегаат поради руската инвазија.

Конфликтот доведе до создавање на дополнителни 2 милиони деца бегалци од февруари и уште 3 милиони внатрешно раселени деца.

Loading...

Покрај тоа, децата и нивните семејства исто така се раселени поради екстремните временски услови, како што се сушата во Рогот на Африка и големите поплави во Индија, Бангладеш и Јужна Африка.

Повеќе од една третина од раселените деца живеат во суб-сахарска Африка (3,9 милиони или 36 отсто), четвртина живеат во Европа и Централна Азија (2,6 милиони или 25 отсто) и 13 отсто (1,4 милиони) на Блискиот Исток и Северна Африка , се вели во соопштението на УНИЦЕФ.

Околу две третини од сите деца бегалци посетуваат основно училиште, додека само околу една третина од адолесцентите бегалци посетуваат училиште, се додава.