Никој не може да биде неутрален пред агресијата, изјави шефот на европската дипломатија.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави пред Советот за безбедност на ОН дека руската војна против Украина е напад врз темелите на светскиот поредок и дека неутралноста во конфликтот значи поддршка за агресорот.
Борел преку видеоврска рече дека Русија води војна против Украина на европско тло, но дека тоа не е европска војна, туку „напад врз темелите на ОН и Советот за безбедност, од страна на нејзината постојана членка“, пренесува Бета.
– Никој не може да биде неутрален пред агресијата. Да се биде неутрален во овој случај значи да се биде на страната на агресорот. Никој не може да живее безбедно во свет каде што нелегалната употреба на сила е нормализирана или толерирана“, рече Борел.
Повик да се стави крај на војната
Тој рече дека руската војна против Украина веќе остави десетици илјади мртви и повеќе од пет милиони бегалци, предизвикувајќи ја најбрзо растечката бегалска криза од Втората светска војна.
– Оваа војна испраќа бранови низ светот. А тоа води до веќе постоечката криза со храна поради приносите кои трпат поради климатските промени – рече шефот на дипломатијата.
Светската програма за храна проценува дека бројот на луѓе без безбеден пристап до храна се удвоил од 135 милиони пред пандемијата на 276 милиони на почетокот на 2022 година и дека бројот ќе се зголеми на 323 милиони поради војната.
„Ве повикувам сите да помогнете да се стави крај на војната, да се врати суверенитетот на Украина и да се погрижиме да се спречат глобалните последици, особено растечката криза со храна“, рече Борел.
„Санкциите не се причина за недостиг на храна“
Тој изјави дека Русија во моментов блокира најмалку 20 милиони тони украинско жито што не може да стигне до светските пазари.
– Тоа е еквивалент на 300 масивни бродови што треба да се укотват во пристаништата ширум светот. Наместо тоа, Русија ги бомбардира украинските пристаништа, инфраструктурата и земјоделското земјиште.
Целосно ги поддржуваме напорите на ОН Украина повторно да ги отвори своите пристаништа и да продолжи да испорачува жито на светот, рече тој.
Борел нагласи дека санкциите на ЕУ не се причина за недостиг на храна и дека тие се насочени само кон способноста на Кремљ да финансира воена агресија, а не кон неговата способност да води легитимна трговија.
– Санкциите на ЕУ не забрануваат увоз и транспорт на руска земјоделска стока, или вештачки ѓубрива, ниту да се плаќа за таков руски извоз – заклучи Борел.