За прв пат во Куманово вчеравечер во Занаетчискиот дом се одржа уметничката вечер „Вдиши уметност“ на која се претставија поголем број млади уметници од градот.
Настанот е во организација на здруежението „Биди своја“, а со финансиска поддршка од Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.
Како што изјави Оливера Трајковска, од здружението „Биди своја“, целта е да се афирмираат младите уметници од градот.
– Многу често имаме уметнички изложби, промоции на книги, музички концерти, но за прв пат правиме настан кој претставува спој на сите три работи во едно, спој на музичката, уметничката и книжевната дејност, изјави Трајковска.
Како што додава, таа е само иницијатор на настанот на кој се поканети да учествуваат голем број млади уметници, кои со задоволство ја прифатиле идејата.
– Има за цел да направи афирмација на младите уметници од овој град, затоа што многу често имаме гостувања на млади уметници од други градови и други земји, но првенствено треба да ги вреднуваме нашите уметници, да ги афирмираме и да бидеме нивна поддршка, рече Трајковска.
На настанот сите присутни имаа можност да ги разгледаат уметничките слики на повеќе уметници од градот, како и книги на неколку локални автори.
Воедно беше одржан и музички концерт на кој со македонски евергрини се претставија младите музичари.
Никола Ивановски