Русија ја смета можната воена операција на Турција во Сирија за неразумна, бидејќи може да ескалира и да ја дестабилизира ситуацијата, изјави рускиот специјален пратеник на рускиот претседател за Сирија, Александар Лаврентиев, пренесува ТАСС.
Тој најави дека Русија за време на разговорите во Нур-Султан ќе ги повика турските колеги да се воздржат од овој потег и да ги решат постоечките спорни прашања преку дијалог, пренесува Танјуг.
Москва, исто така, смета дека зачестените израелски напади врз Сирија се неприфатливи, изјави специјалниот пратеник на рускиот претседател.
Лаврентиев рече и дека Москва повеќе не ја гледа Женева како неутрално и соодветно место за разговори со сирискиот уставен комитет, пренесе агенцијата ТАСС.
Преговори за Сирија
Рускиот претставник во среда е во главниот град на Казахстан, Нур-Султан на разговори со Турција, Иран, сириската влада и бунтовниците.
Мировниот процес во Астана, сега Нур Султан, започна во јануари 2017 година на иницијатива на Турција, Русија и Иран, а овие состаноци придонесуваат и за напредокот на дипломатскиот процес во Женева под покровителство на ОН.
На 3 јуни, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги објави плановите за уште една воена операција во северна Сирија за вклучување на градовите Тел Рифат и Манбиџ во неговата безбедносна зона, создадена долж границата во октомври 2019 година, а Турција моментално контролира 10 отсто од сириската територија, која е дом на речиси 4,4 милиони луѓе, јави ТАСС.