САД денеска ја поддржаа позицијата на Тајван дека мореузот што го дели островот од Кина е меѓународен воден пат, што ги негира тврдењата на Пекинг дека има суверенитет над овој стратешки премин.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, во е-пошта до Ројтерс изјави дека „Тајванскиот мореуз е меѓународен воден пат, што значи дека тоа е област каде што слободите на отворено море, вклучително и слободата на навигација и летот, се загарантирани со меѓународното право“.
„Светот има траен интерес за мир и стабилност во Тајванското Море и веруваме дека тоа е клучно за безбедноста и просперитетот на поширокиот индо-пацифички регион“, додаде Прајс.
Тој ја повтори загриженоста на САД поради „агресивната реторика на Кина и принудната акција против Тајван“ и рече дека САД „ќе продолжат да летаат, пловат и да дејствуваат секаде каде што дозволува меѓународното право, вклучително и транзит низ Тајванскиот мореуз“.
Кинеското Министерство за надворешни работи во понеделникот соопшти дека земјата „има суверенитет и јурисдикција над Тајванското Море“.
„Лажно е тврдењето дека одредени земји го нарекуваат Тајванското Море меѓународни води со цел да најдат изговор за манипулирање со прашања поврзани со Тајван и загрозување на суверенитетот и безбедноста на Кина“, рече Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Властите во Тајпеј вчера објавија дека Тајванското Море е меѓународен воден пат и дека ги поддржуваат американските воени бродови што минуваат низ него, отфрлајќи ги тврдењата на Кина дека има суверенитет над стратешкиот премин.
Тајванското море е чест извор на воени тензии, а во последните години низ морето пловеа американски воени бродови и други сојузници на НАТО, како Британија и Канада, предизвикувајќи незадоволство во Пекинг, наведува британската агенција.