Градоначалникот на Северодонецк, Олександр Стрјук денеска изјави дека продолжуваат со евакуација на цивилите од тој украински град при секое затишје во тешките борби.
Стрјук рече дека сите три главни моста кои водат кон градот се непроодни, пренесува Си-Ен-Ен.
„Начините за поврзување со градот се доста тешки, но постојат“, изјави градоначалникот на Северодонецк за украинската телевизија Стрјук.
Тој рече дека евакуацијата се одвива „секоја минута кога има затишје или има можност за транспорт“.
Тој додаде дека нешто повеќе од 500 цивили продолжиле да се кријат во градската хемиска фабрика Азот, за која украинските власти велат дека била цел на интензивно гранатирање од страна на руските сили.
Гувернерот на областа Луганск, Серхи Гајдаи, на Телеграм напиша дека Русија не презела целосна контрола над Северодонецк и дека дел од градот сѐ уште е под контрола на Украина.