Русија спроведува воени вежби во Балтичкото Море во екот на тензиите со НАТО

Сподели со своите пријатели

Десетици руски бродови денеска учествуваа во воени вежби во Балтичкото Море во екот на растечките тензии околу таа стратешка област, каде што НАТО во моментов спроведува и маневри.

Loading...

„Во рамките на оваа вежба, тактичките поморски групи на Балтичката флота ги напуштија своите бази и беа распоредени во одредени зони“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Според Министерството, 60 бродови и 40 авиони учествуваат во вежбите, кои се одржуваат и на копно во центрите за обука во руската енклава Калининград.

Околу 20 руски бродови веќе учествуваа во вежбата во зоната во вторник.

НАТО од недела изведува големи годишни поморски вежби на Балтикот наречени „Балтопс 22“, кои треба да траат до 17 јуни.

Оваа интензивна воена активност се одвива во контекст на силни тензии меѓу Москва и западните земји од почетокот на руската воена офанзива во Украина кон крајот на февруари.

Балтичкото Море како стратешка зона дојде до израз минатиот месец кога Шведска и Финска, досега неутрални, официјално поднесоа барање за членство во НАТО, организација која Москва ја смета за непријателска кон нејзините интереси.

Влезот на тие две земји во Алијансата, која моментално е блокирана од Турција, би го претворило Балтичкото Море во езеро на НАТО, бидејќи другите земји што пристапуваат на тоа море, освен Русија, веќе се дел од блокот.

Loading...