Германскиот производител на автомобили Мерцедес-Бенз повлекува речиси милион постари возила ширум светот поради можни проблеми со сопирачките.
Компанијата во текот на викендот соопшти дека ќе контактира со сопствениците на одредени автомобили бидејќи нивните сопирачки можеби биле погодени од корозија. Повлекувањето се однесува на вкупно 993.407 возила, од кои 70.000 се во Германија, пишува Би-би-си.
Мерцедес повлече сличен број автомобили минатата година поради безбедносен проблем со нивниот систем за итни повици. Минатиот февруари, компанијата повлече повеќе од милион автомобили поради дефект во поставката „eCall“, која ги предупредува службите за итни случаи за несреќа и ја пренесува локацијата на возилото.
Компанијата соопшти дека возилата во ова повлекување биле произведени помеѓу 2004 и 2015 година и припаѓаат на сериите ML и GL на теренци и луксузни мини комбиња од класата R.
„Утврдивме дека кај некои од овие возила сопирачките може да бидат погодени од корозија во пределот на куќиштето. Постои можност особено силен маневар на сопирање да предизвика механички оштетувања на засилувачот на сопирачките“, соопштија од Mercedes во саботата.
„Во тој случај, не би било можно да се забави возилото, што би го зголемило ризикот од судир или повреда“, се додава.
Мерцедес соопшти дека веднаш ќе започне со повлекување на возилото и дека процесот ќе вклучува проверка на потенцијално неисправните автомобили и замена на делови.