Советникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андриушченко, утринава во изјава за украинските медиуми изјави дека недостигот од вода за пиење во тој град достигнал критично ниво, пренесува Си-Ен-Ен.
Андриушченко рече дека луѓето мора да се регистрираат за да добијат вода за пиење и можат да ја добијат само на секои два дена.
Основната инфраструктура и услугите како што се вода, гас и струја допрва треба да се обноват по долгата опсада од страна на руските сили пред тие целосно да го заземат градот.
– Количината на вода порано беше мала, но сега е целосно намалена. Треба да се најавите на редот. Наскоро температурата ќе се покачи, нивото на водата ќе опаѓа, а водата ќе биде се помала – изјави Андриушченко.
Тој додаде дека оваа вода без вриење не се пие, а освен оган на отворено нема други можности да се вари.
– Луѓето ја користат таква каква што е, што е дополнителен ризик – рече Андриушченко и повторно предупреди на можноста од избувнување на епидемија поради огромните количини ѓубре и „многубројните трупови закопани во плитки гробници низ градот“.
Тој оцени дека е тешко да се предвиди каква епидемија му се заканува на Мариупол, предупредувајќи на опасност од појава на колера или некоја друга вирусна инфекција на гастроинтестиналниот тракт.
– Дизентеријата може да убие десетици луѓе. Недостигаат лекови, лаборатории, вакцини, се што сме навикнати да имаме во Мариупол – предупреди Андриушченко.