Поради војната против Украина, Русија е „директно одговорна“ за недостигот во меѓународната трговија со жито, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, јавува Anadolu Agency (AA).
– Сегашната руска блокада на украинските пристаништа го спречува извозот на тони житни култури, како пченка и пченица, кои во моментов се заглавени во Украина, еден од најголемите светски производители – објави Борељ на Твитер.
Борељ посочи дека санкциите на ЕУ се насочени кон капацитетот на Русија да ја продолжи војната, а не кон пченицата, додавајќи дека земјоделските производи и нивниот транспорт се „експлицитно исклучени“ од санкциите.
– Русија е директно одговорна за сите недостатоци во меѓународната трговија со жито и наместо да ја запре својата агресија, таа активно се обидува да ја префрли одговорноста на меѓународните санкции. Ова е дезинформација – додаде Борељ.
Борељ посочи дека блокот ќе продолжи да се солидаризира со земјите во решавањето на последиците од војната.
– Рускиот претседател Владимир Путин „треба да стави крај на војната против Украина. Територијалниот интегритет на Украина мора да се врати – посочи Борељ и додаде дека тоа е во интерес на целиот свет.
Според проценките на ОН, најмалку 4.183 цивили се убиени, а 5.014 се ранети во Украина од почетокот на војната со Русија, а се верува дека реалната бројка е многу поголема.
Повеќе од 6,9 милиони луѓе побегнале во други земји, додека повеќе од 7,7 милиони се внатрешно раселени.