Според Светската здравствена организација (СЗО) потврдени се вкупно 780 случаи на мајмунски сипаници во земјите каде што вирусот вообичаено не се наоѓа.
Односно, во груби бројки, три пати повеќе од 257-те случаи пријавени минатата недела.
Велат дека бројките – за изминатите три недели – се веројатно пониски од реалната состојба, а глобалниот ризик го оценуваат како „умерен“.
Инфекциите обично се благи, но ова е првпат вирусот да се шири толку подалеку од централна и западна Африка.
СЗО вели дека се пријавени случаи во 27 земји каде што вирусот не е „ендемичен“ – што значи дека не се очекува негово присуство на тие места.
Најголем дел од новите случаи се во Европа и Северна Америка, како и помал број во Мексико, Аргентина, Мароко и Обединетите Арапски Емирати.
Најголем број заболени има во Велика Британија – 207, во Шпанија – 156, како и во Португалија – 138.
Во последниот извештај СЗО наведува дека некои земји пријавуваат случаи без воспоставен претходен контакт со потврден случај, што значи дека е потешко да се следи синџирот на пренос.
„Многу е веројатно дека другите земји наскоро ќе ги препознаат случаите и дека вирусот ќе продолжи да се шири“, додаваат тие.
Ризикот по здравјето на луѓето во моментов се оценува како „низок“, но ризикот за јавното здравје „може да се зголеми“ доколку вирусот се прошири во земји каде што не постои, велат тие.
Досега нема пријавено смртни случаи како резултат на сегашната епидемија.
СЗО вели дека повеќето, но не сите пријавени случаи сега се поврзани со мажи кои имале секс со мажи. Нема докази дека мајмунските сипаници се пренесуваат сексуално, туку се пренесуваат преку близок контакт.
Светската здравствена управа додава дека многу случаи не ја покажуваат типичната клиничка слика на мајмунски сипаници, додека некои опишуваат чирови кои се појавуваат пред симптомите како што е треската.
Повеќето случаи на вирусот заздравуваат сами по себе во рок од неколку недели.
Симптомите вклучуваат треска, главоболка, оток, болки во грбот, болки во мускулите и осип кој има неколку фази.
Меѓутоа, мајмунските сипаници имаат и потешка форма, а во минатото била причина за смрт во Западна Африка.