Американските функционери редовно се состануваат со нивните британски и европски колеги во последните недели за да разговараат за потенцијалните рамки за прекин на огнот и завршување на војната во Украина преку договор, изјавија за Си-Ен-Ен неколку извори запознаени со разговорите.
Украина не е директно вклучена во тие дискусии, и покрај посветеноста на Америка „да нема ништо за Украина без Украина“, пренесува Танјуг.
Како што се наведува, меѓу темите на средбите на американските претставници со британските и европските колеги е и рамката на договорот од четири точки што Италија го предложи на крајот на минатиот месец.
Тоа вклучува посветеност на Украина за неутралност со НАТО, во замена за некои безбедносни гаранции и преговори меѓу Киев и Москва за иднината на Крим и регионот Донбас.
Западните функционери постојано ја нагласуваат потребата од решение кое ќе стави крај на војната во Украина преку дипломатија во време кога конфликтите беснеат повеќе од 100 дена без јасна перспектива за победа за ниту една страна.