Вкупно 80.953 лица во Куманово над 15 години спаѓаат во категоријата работоспособно население, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика од пописот спроведен минатата година.
Најмногу од населението спаѓа во категоријата лица со плати, па следуваат издржувани лица и пензионери.
Според податоците вкупно 27.284 лица или 33 отсто од работоспособното население живее од плата или друга надокнада по основ на платено работење. Потоа следува категоријата издржувани лица во која спаѓаат 15.689 лица.
Куманово има вкупно 13.825 лица кои се во категоријата пензионери и 8.082 лица во категоријата лица со примања од социјални трансфери.
Во категоријата други извори се регистрирани 2.188 лица, додека 3.538 жители имаат повеќе извори на средства.
Врз основ на сопствено производство и услуги приходи остваруваат 1.518 лица, а од заеми 173.
Без приходи се вкупно 8.338 граѓани или околу 10 отсто од работоспособното население.
Најголем дел од работоспособното население е неактивно
Од вкупно 80.953 лица во категоријата работоспособно население, активно население се 36.978 лица, од кои 28.102 граѓани се вработени. Меѓу активното население има 8.876 невработени лица.
Многу поголема е бројката на неактивно население, или вкупно 41.479.
Во групата активно население над 15 години има 28.102 жители
Според занимањето во категоријата активно население над 15 години Куманово има 28.102 жители од кои најголем дел од нив стигнуваат со автомобил односно 7.448 лица, па следуваат оние кои до своето работно место пешачат или 7.277 од нив. Најмалку до работното место се пристигнува со воз, велосипед или мопед.
Најголем дел од активното население е вработено во преработувачката индустрија каде работат вкупно 5.874 лица, додека 5.106 жители на Куманово се вработени во Трговија на големо и трговија на мало и поправка на моторни возила и мотоцикли.
Следуваат јавна управа и одбрана, градежништво, образование, здравство…
Од вкупниот број на работоспособно население кој изнесува 80.953 вработени се 26.935 лица, додека 255 граѓани се работодавачи. Вработени на сопствена сметка се 549 лица, 77 се неплатени семејни работници. Но, ваков податок Државниот завод за статистика нема за дури 52.851 лице.
Никола Ивановски