Продолжува паничната распродажба на крипто пазарите, при што вредноста на биткоинот падна под нивото од 27.000 долари, поточно до нивото од 26.700 долари, колку што беше вредноста на утрово околу 8 часот. Пред една година, да потсетиме, оваа криптовалута вредеше повеќе од 63.000 долари.
Најголемата криптовалута во светот потона за 2,42 отсто на 28.716,15 долари, тргувајќи се во средата навечер до 23:44 часот по источно време, според Coin Metrics. Етерот падна за 4,93 отсто на 2021,95 долари, објави CNBC.
Остриот пад на криптовалутите и акциите дојде откако американското биро за статистика на труд објави дека инфлацијата во САД пораснала за 8,3 отсто на годишно ниво, нешто повеќе од прогнозите на економистите анкетирани од Дау Џонс.
Тие информации ги загрижија инвеститорите и ги наведоа да се „извлечат“ од ризичните средства, вклучително и криптовалутите. Цените на криптовалутите продолжуваат да се движат во силна корелација со индексот S&P 500 и од неодамна со Nasdaq Composite.
„Пазарот на криптовалути веќе некое време е под притисок. ФЕД останува со зголемување на каматните стапки, што, генерално, предизвика голем страв на пазарот, па падот на акциите и крипто средствата продолжува“, вели Мајкл Ринко, соработник во брокерската куќа AscendEx.
Ова е втор пат оваа недела биткоинот да падне на околу 29.000 долари. Аналитичарите велат дека нивото од 30.000 долари е психолошкиот праг за најголемата криптовалута по пазарна капитализација и може да потоне уште подлабоко доколку се лизне под таа граница.
Претседателот на Федералните резерви Џером Пауел неодамна ја потврди решеноста на американската централна банка за намалување на инфлацијата, најавувајќи дека е можно поагресивно зголемување на нејзините каматни стапки веќе на седницата на ФЕД во мај.