Синоќа на боиштата во Украина беше релативно мирно, соопштија во саботата украински извори.
„Осум непријателски напади се одбиени во регионите Доњецк и Луганск, што резултираше со уништување на три непријателски тенкови, осум артилериски системи, седум оклопни воени возила, еден автомобил и три единици инженерска опрема“, се вели во извештајот на украинската војска за сабота.
Доњецк и Луганск заедно го формираат регионот Донбас на далечниот исток на Украина, кој се граничи со Русија. Русија ги пренасочи своите напади врз регионот, каде што руските сепаратисти се борат против украинските владини сили од 2014 година.
Обиди за напад имало главно околу фабриката за челик Азовстал во југоисточниот пристанишен град Мариупол, според украинската војска.
Во другите делови на фронтот, руската активност била ограничена на воено извидување и артилериски оган, се вели во извештајот.
Во регионот Изум, на пример, каде Русија планира голем напредок кон Краматорск за да ги опколи украинските единици во регионот на Донбас, беспилотни летала се користени за откривање одбранбени позиции.
Зеленски: Јас сум претседател на Украина, а не мини-Украина. Нема да се откажам од територија
Харков, град со повеќе од милион жители, и локации надвор од Доњецк беа цел на артилериски напади. Распоредени се и руските воздухопловни сили. Сепак, не се пријавени копнени напади.
Оваа информација не можеше да се потврди независно.