Вооружените сили на Белорусија ненадејно започнаа големи воени вежби со цел да ја тестираат борбената готовност, објави нивното Министерство за одбрана на Телеграм, пренесе денеска белоруската новинска агенција Белта.
Министерството за одбрана соопшти дека вежбите не претставуваат никаква закана за европската заедница во целина, а особено не за соседните земји.
– Планирано е тестирањето на борбената готовност да опфати движење на значителен број воени возила, што може да го забави сообраќајот на јавните патишта, се наведува во соопштението на белоруското министерство, а пренесува Ројтерс.
Британија: Русите распоредуваат дополнителни сили во источна Украина
Ќе се практикува доведување на единиците во борбена готовност, а целта е да се процени подготвеноста и способноста за реагирање на можни кризни ситуации.
Како што се наведува, силите вклучени во вежбата постепено ќе се зголемуваат, а големо внимание ќе се посвети на системите за поддршка.
– Воените единици и одреди ќе дејствуваат на непознати терени во брзо менување на околината, соопшти Министерството за одбрана на Белорусија.
Области на Украина во близина на Белорусија, вклучувајќи го и нејзиниот главен град Киев, беа под руски напад во почетната фаза на инвазијата, која започна кон крајот на февруари и по заедничките вежби меѓу Русија и Белорусија.