Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска остро реагираше на ненадејниот прекин на испораките на гас за неговата земја, а постапката на руските власти ја окарактеризира како одмазда за новите санкции кои Полска и ги воведе на Русија.
Полските санкции беа објавени во вторникот и беа насочени кон 50 руски олигарси и компании, вклучително и Гаспром, а набргу по објавувањето, полските власти добија известување дека Гаспром ќе ја прекине испораката на Полска бидејќи земјата не ги исполнила новите барања за плаќање гас на руски рубли.
Во своето обраќање пред полскиот парламент, премиерот Моравјецки вети дека Полска „нема да се исплаши“ од прекинот на гасот.
Моравјецки додаде дека потребите на Полска се задоволени, благодарение на долгорочните напори насочени кон обезбедување гас од други земји и дека „руската гасна уцена“ нема да има ефект врз неговата земја, наведува АП.
Рускиот гас сочинуваше околу 45 отсто од вкупната потрошувачка на гас во Полска додека не се прекине снабдувањето, но Полска многу повеќе се потпира на јаглен кога станува збор за греење на домовите и нафтената индустрија, а гасот сочинува само девет отсто од вкупните енергетски резерви на земјата, пренесува Танјуг.
Испораките на руски гас сепак требаше да бидат завршени подоцна оваа година, бидејќи Полска планираше да ја набавува таа енергија од други земји, вклучително и Норвешка.
Новиот нафтовод „Baltic Pipe“ треба да почне со работа наесен, пренесува американската агенција.