Претседателот на Думата, долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, денеска оцени дека гасниот гигант Газпром донел правилна одлука целосно да ја прекине испораката на гас за Бугарија и Полска, а Москва треба да го стори истото и со другите „непријателски“ земји.
„Истото треба да се направи и кон другите земји кои се непријателски настроени кон нас“, напиша Володин на својот канал на Телеграм, пренесува Ројтерс.
Во исто време, рускиот производител на гас Газпром објави дека ја снабдува Европа со природен гас преку Украина во согласност со барањата на европските потрошувачи, но дека денеска добил помалку такви барања во споредба со вторникот.
Нарачките за 27 април изнесуваат 48,7 милиони кубни метри, што е намалување во однос на вчерашните 56 милиони кубни метри, се наведува во соопштението.
„Газпром“ утринава извести и дека целосно ја прекинал испораката на гас за Полска и Бугарија бидејќи не извршиле плаќања во рубљи за количините што им биле испорачани овој месец.