Семејниот живот може да биде премногу за некои луѓе, па многумина се чувствуваат „заробени“ поради постојаното „дрдорење“.
За Кинезот Веи Џиангуа, кој има околу 60 години, решението било да се пресели на меѓународниот аеродром во Пекинг, каде, како што наведува, живее веќе 14 години, за да може да пуши и да пие колку што тој сака.
Во чекалницата има своја вреќа за спиење, храна и други потреби. Вели дека нема да се врати дома бидејќи тогаш би бил принуден да престане да пуши и да пие, пренесува „Дејли мејл“.
– Семејството ми кажа дека ако сакам да останам дома, мора да престанам да пијам и пушам. А ако не можам да го сторам тоа, тогаш ќе им го дадам мојот „месечен надоместок“ што го добивам од државата, а тоа е 119,43 фунти. Но, тогаш како би купил цигари и алкохол? – се прашува Џиангуо.
Неговиот дом е на околу 19 километри од аеродромот. „Се преселил“ во 2008 година и се „населил“ на Терминал 2, кој е најтопол, но понекогаш оди и на Терминал 3, раскажал за Pear Video.
Кога го напуштил семејството, прво спиел на железничките станици. Како што вели, престанал да бара работа, која ја изгубил кога го избркале од фабриката, бидејќи бил „престар“, иако тогаш имал околу 40 години.
Според вработените на аеродромот, Џиангуо е безопасен, иако може да биде бучен кога е пијан. Иако во неколку наврати го охрабрувале да си замине, досега не успеале.
Според Чајна Дејли, Веи не е единствениот жител на аеродромот, бидејќи во 2018 година ги имало шест. Еден од нив бил „озлогласен“ по тоа што гласно слушал опера од неговото радио.
Најпознатиот станар на аеродром во светот е Иранецот Меран Карими Насери, кој живеел на аеродромот Шарл де Гол во Париз 18 години, од 1988 до 2006 година, кога бил хоспитализиран.
Врз основа на неговата приказна е снимен филмот „Терминал“ во кој главната улога ја толкува Том Хенкс.
Ако ова изгледа многу, Турчинот Бајрам Тепели минал 27 години на аеродромот Ататурк, каде што се преселил во 1991 година, поради семејни проблеми. Тој останал таму до затворањето на аеродромот во 2019 година, пишува Дејли Сабах.