Љубителот на пајаците Арон Феникс (34) успеал да собере 120 тарантули кои ги смета за домашни миленици, но и други пајаци од различни видови, на кои досега потрошил повеќе од 1000 фунти.
Сите негови „миленичиња“ имаат куќиште во една од собите на куќата на Арон во Бристол, па секое утро и вечер мора да се погрижи сите да бидат мирни и здрави, пишува „Сан“.
„Тие се мојата опсесија и страст. Ме фасцинираат. Можам да седам и да ги гледам со часови. Тие имаат неверојатен ефект врз мене и никогаш нема да се откажам од тоа да поседувам тарантули. Сите тие имаат свои индивидуални карактеристики. Една од женките сама стигнува до врвот на терариумот кога ја ставам храната и го играм „Танцот на благодарноста“, а друг пајак трча до капакот да ме поздрави веднаш штом ќе влезам во собата! „Луѓето не можат да поверуваат кога ќе ги видат!
Се разбира, повеќето од нив имаат свои имиња, како што се Елиза, Хамбо, Талос, Џејсон, Ахил, Зевс, Афродита и Херкулес.
Овој човек кој живее со двете деца на својата партнерка има и уште пет пајаци, три скорпии, три богомолки и стоногалка. Почнал да ги собира во летото 2021 година, кога лекарите му препорачале да си најде хоби, откако му било дијагностицирано биполарно растројство.
„Мојата девојка и нејзините ќерки на почетокот беа преплашени, но кога видоа колку тарантулите позитивно делуваат на мене, станаа моја поддршка. Кога сум со нив, кога ги наводнувам, ги хранам или чистам, ништо друго на светот не постои. Без сомнение ми го променија животот. Никогаш порано не сум бил толку страстен за нешто. Кога доаѓаат нови миленици, понекогаш сакаат да побегнат, но јас секогаш ги фаќам. Арахнофобијата е еден од најраспространетите стравови на планетата и нема потреба од тоа. За мене тие се прекрасни суштества, едноставно се погрешно разбрани“, заклучува Арон.