Една од двете црни кутии на кинескиот авион, кој се урна во понеделникот, е пронајдена во многу оштетена состојба, соопштија денеска кинеските власти.
Снимачот бил толку оштетен што не можело да се прецизира дали се работи за рекордер на податоци за летот или за диктафон во пилотската кабина, пренесува АП.
Мао Јанфенг, директор на одделот за истрага на несреќи при кинеската управа за цивилно воздухопловство, на прес-конференција изјави дека се прават големи напори да се најде уште една црна кутија.
Дождот што паѓа на југот на Кина е дополнителен предизвик со кој се соочуваат кинеските истражители кои користат рачни алатки, дронови и кучиња трагачи во обид да откријат зошто патнички авион со 132 луѓе се урна оваа недела во оддалечена планинска област.
Потрагата по црни кутии со податоци за летот и диктафони од пилотската кабина, како и евентуални преживеани, денеска е привремено прекината поради предупредувањата на метеоролозите за опасност од лизгање на земјиштето, порои и силен ветер бидејќи временските услови се влошуваат до крајот на неделата во Планините Гуангкси е Ројтерс.
Боингот 737-800 на кинеската авиокомпанија China Eastern Airlines летал на височина од 8.800 метри кога ненадејно се урна во понеделникот, во 14.20 часот по локално време, недалеку од градот Вучо во регионот Гуангкси.
Кинеските власти сѐ уште не објавија официјални податоци, но по досегашното пребарување на местото на несреќата, речиси е сигурно дека загинале сите 123 патници и девет членови на екипажот.
China Eastern Airlines, една од најголемите кинески и светски авиокомпании, ги приземји сите 107 авиони Боинг 737-800 од својата флота веднаш по несреќата, според Ројтерс.