Јеменската група Хути истрела проектили и беспилотни летала кон саудиските постројки за енергија и десалинизација на вода, предизвикувајќи привремен пад на производството во рафинеријата, но нема жртви, објавија во неделата саудиското Министерство за енергетика и државните медиуми.
Нападите со беспилотни летала погодија терминал за дистрибуција на нафтени деривати во јужниот регион Џизан, фабрика за природен гас и рафинеријата Јасреф во пристаништето Јанбу на Црвеното Море, се вели во соопштението на Министерството, пренесе АФП.
Британците објавија нови податоци: Тешките борби продолжуваат северно од Киев
– Нападот на погоните на Јасреф доведе до привремено намалување на рафинериското производство, што ќе биде компензирано – се наведува, алудирајќи на рафинериската компанија Јанбу Арамко Синопек, заедничко вложување меѓу саудиската нафтена компанија Сауди Арамко и кинеската Синопек во пристаништето Јанбу.
Извршниот директор на Aramcо, Амин Насер рече дека нападите немале влијание врз понудата на клиентите.
Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, која седум години се бори против Хутите во Јемен, рече дека нападите во саботата навечер и во неделата наутро, исто така, биле насочени кон постројка за десалинизација на вода во Ал Шакик, електрана во Даран ал Џануб и централа за гас во Хамис Мушаит.
Подоцна во неделата, друга фабрика за дистрибуција на Арамко беше нападната во градот Џеда на Црвеното Море, што доведе до пожар во еден од тенковите, според коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Пожарот е изгаснат и нема жртви.
Портпаролот на Хутите, Јахја Сареа, рече дека групата истрелала балистички и крилести проектили, како и беспилотни летала врз објектите на Арамко во главниот град Ријад, Јанбу и „други области“, проследено со напади врз „витални цели“ во другите саудиски региони.