Полска ѝ предложи на Европската унија да спроведе целосна забрана за трговија со Русија, изјави премиерот Матеуш Моравјецки во изјавата што ја пренесе Ројтерс.
„Полска предлага што поскоро да се додаде трговска блокада (вклучувајќи ги) двете поморски пристаништа на овој пакет санкции, како и забрана за копнена трговија. Целосен прекин на трговијата дополнително ќе ја принуди Русија да размисли дали би било подобро да се запре оваа сурова војна“, рече Моравјецки.
Повикот на Полска до Москва да се соочи со потешки економски последици поради инвазијата на Украина доаѓа откако земјите-членки на ЕУ оваа недела се договорија за четвртиот пакет санкции против Русија.
Детали не се соопштени, но француското претседателство најави дека рускиот трговски статус на „најповластена нација“ ќе биде укинат.