Кумановските гимназијалци во посета на Португалија (ФОТО+ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Пет ученици и двајца наставници од кумановската Гимназија „Гоце Делчев“ имаа можност да го посетат градот Порто во Португалија во рамките на проектот „Училишно онлајн радио“ преку „Еразмус плус“ програмата.

 

 

Станува збор за трета мобилност на која освен учениците од гимназијата, учествуваат и ученици од Полска, Турција, Италија и Португалија.

– Проектот е започнат во 2019 година, а треба да заврши во 2022 година во август. Следната мобилност ќе се одржи во нашата земја, ние ќе бидеме домаќини на крајот на април. Учениците имаа можност да се запознаат со различни култури, пред се португалската култура, имаа можност да вкусат традиционални јадења од Португалија и имаа можност да се дружат со врсници од тие земји, изјави Филип Младеновски, наставник во Гимназијата „Гоце Делчев“.

 

 

Според наставничката Елена Марковска, во Порто учениците присуствувале на работилници преку кои одблизу се запознале со снимањето на радио емисии и подкасти во студио, а снимиле и сопствени аудио продукти.

– Тоа беше од особен значај затоа што во рамките на нашиот проект се снимаат подкасти, тие се иднината на радиото, тоа е специфичен медиум, потребно е да се пренесат толку многу нешта аудитивно и некако полека се напушта тој стар формат на радиото каде имавме емисии во живо или само пуштање музика. Денешените генерации се свртени кон снимање на подкасти, затоа и беше важно да научат и да осознаат малку повеќе околу тоа како би се снимиле подкасти на различни теми, рече Марковска.

 

 

Учениците своите подкасти ги снимиле во радиото „Нова“ во Порто, а имале можност и да видат како тече процесот на уредување на весникот „Публика“. Во активноста биле прочитани неколку поеми на македонски и англиски јазик и потоа се прикачени на профилот на онлајн училишното радио на проектот.

 

 

Кумановските ученици биле во посета на приватно училиште во Порто, кое според Лара Трајковска, располага со висока опременост на кабинетите и училниците, а имаат и опрема за снимање на радио па учениците сами снимаат подкасти.

– Самото училиште има студио за снимање на подкасти каде учениците можат да снимат свои подкасти, имаат и голема спортска сала, имаат голем терен за играње надвор од училиштето исто така. Покрај училниците и кабинетите имаат во самото училиште кантина каде имаат можност да ручаат за време на паузите. Исто така имаат и бар, и таму можат да остануваат за време на паузите меѓу часовите, рече Трајковска.

 

 

Самите ученици биле сместени во семејства на нивни врсници што им овозможило одблизу да се запознаат со културата и традицијата на португалскиот народ и нивната традиционална кујна.

 

 

Во рамките на проектот имале и низа екскурзии во Порто.

– Во рамките на екскурзиите имавме можност да одиме на крстарење и ги видовме шесте моста на Порто. Потоа одевме во Каса ди музика, каде архитектурата е изградена во служба на акустика и ја посетивме една од најпознатите винарии и се запознавме со процесот на правање на нивното вино, вели ученичката Констанца Михаел.

 

 

Целиот проект бил крунисан и со талент шоу, на кој кумановските гимназијалци се претставиле со „Т’га за југ“, „Јовано Јованке“ и „Јовка Кумановка“.

– Поентата на ова талент шоу беше да се претставиме најдобро што можеме, да ја претставиме нашата култура и традиција, луѓето од другите држави исто така се претставија многу добро, изведуваа различни танци, музика. Ние пред да одиме многу се подготвувавме се да изгледа супер, луѓето таму беа воодушевени од нашата точка. На почетокот успеавме да ја рецитираме „Т’га за југ“ на македонски и на англиски јазик, потоа беше изведена „Јовано, Јованке“ на пијано и на крај изведовме еден модерен танц на песната „Јовка Кумановка“. Вклучивме и цртање со што севкупно нашиот настан беше многу добар и сите беа фасцинирани, изјави ученичката Ане Денковска.

 

 

Инаку во април кумановските гимназијалци ќе бидат домаќини на целата група ученици од Полска, Турција, Италија и Португалија.

Текст: Никола Ивановски / видео: Стефан Младеновски